Нетанјаху им посака успех на иранските демонстранти, ја негира вмешаноста на Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им посака во понеделникот успех на иранските антивладините демонстранти, и ги негираше изјавите на иранскиот претседател Хасан Роухани за вмешаноста на еврејската држава во безредијата во Иран, кои започнаа во четвртокот во вториот по големина град Мешхеде, а во неделата ноќта имаше обиди на демонстранти да се преземат полициски станици во некои градови при што смртно настрадаа десет лица.

Претходно во понеделникот иранскиот челник Хасан Роухани изјави дека според неговото мислење масовните протести, кои започнаа во четвртокот ноќта како протест против економската ситуација во земјата, невработеноста и корупцијата на елитата клерици, е предизвикана особено со вмешаност на други држави во внатрешните работи на земјата. Притоа ги обвини САД и Израел дека ги провоцираат безредијата во Иран.

„Денеска ја слушнав изјавата на претседателот Роухани дека Израел стои зад демонстрациите во Иран, тоа не само што е лага, туку е смешно“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во писмената изјава којашто ја објави неговиот кабинет.

Истовремено Нетанјаху истакнува дека „за разлика од Роухани, тој нема намера да го навредува иранскиот народ“. „Смелите Иранци излегоа на улиците, тие се стремат кон слобода, справедливост и темелните права, кои им се одземени со децении. Иранскиот свиреп режим растура десетици милијарди долари ширејќи омраза“, продолжува Нетанјаху.

„Овој режим очајнички се обидува да сее меѓу нас (народите на Израел и Иран) омраза, но нема да успеа во тоа. Кога режимот на крајот ќе падне, а еднаш тоа ќе се случи, Иранците и Израелците одново ќе станат добри пријатели. Му посакувам успех на иранскиот народ во неговиот благороден стремеж кон слободата“, додава Нетанјаху.