Нетанјаху тврди дека Иран распоредува во Сирија „многу опасно оружје“ поради закани

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во вторникот дека Иран настојува во Сирија да распореди, како што оцени, многу опасно оружје за да му се закани на Израел, во моментите кога се очекува одлуката на американскиот претседател Диналд Трамп за тоа дали САД ќе излезат од нуклеарниот договор кој во 2015 година го потпишаа шесте светски сили со Техеран, а израелската страна го смета за штетен по сопствената безбедност.

„Иран отворено, секојдневно, повикува на уништување, елиминација на Израел од лицето на Земјата и практикува неублажена агресија против нас. Сега настојува да распореди многу опасно оружје во Сирија.. со исклучива цел за наше уништување“, изјави израелскиот премиер Бенјманин Нетанјаху пред новинарите во кипарска Никозија, без да го спомене нуклеарниот договор.

Нетајаху во Никозија се сретна со кипарскиот претседател Никос Анастасијадес и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Обвинувајќи го Иран дека сака да „подигне воени поморски бази“ и да распореди подморници во Средоземното Море, Нетанјаху оцени дека тоа претставува „чувствителна закана за сите нас“.

Нетанјаху последните седмици порачува воинствено дека Израел нема да дозволи Иран воено да се зацврсти во Сирија каде што од март 2011 година беснее граѓанската војна поттикната од сунитските држави во регионот сојузници на Западот против владата на алавитот (шиит) претседателот Башар ал-Асад. Израел често го обвинува Иран дека ја јакне својата присутност во Сирија, А од Техеран возвраќаат дека Израел нелегитимно во полза на сунитските бинтовници и џихадистите напаѓа позиции на владината сириска армија, како и ирански цели во оваа земја.

Сириската влада обвини дека Израел на 9-ти и 30-ти април извршил воздушни напади на сириска територија во кој загинале сириски војници и ирански офицери кои имале советодавни функции во сирискиот конфликт. Израел официјално не го призна ова тврдење, како ниту дека притоа е соборен еден негов борбен авион.

Висок ирански функционер во меѓувреме во вторникот порача дека Техеран не се плаши од никаква воена закана.

„Вооружените сили ги даваат своите најдобри страни и Иран не се плаши од никаква закана“, изјави командантот на иранските вооружени сили, генерал-мајорот Мохамад Багери, кого го цитира иранската новинска агенција IRNA.

САД се закануваат дека ќе излезат од меѓународниот договор со Иран со кој се наметнати ограничувања и постојани меѓународни инспекции за иранската нуклеарна програма, а за возврат му беа укинати децениските економски санкции. Сепак, Вашингтон на сила остави одредени санкции против Техеран, а американскиот претседател Доналд Трамп треба во текот на денот да објави дали ќе ја спроведе одлуката за излегување од договорот кој го критикува како „многу лош и полн со недостатоци“.

Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави дека Иран би можел да остане во споменатиот договор и доколку САД излезат од него. Висок конзервативен ирански функционер, меѓутоа, смета дека тоа би претставувало „сериозна грешка“.

„Доколку САД излезат од Заедничкиот сеопфатен план за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA – што е официјален назив на иранскиот нуклеарен договор – з.р.), би требало да знаат дека тоа ќе претставува крај за договорот“, порача во ввторникот Мохамад Џавад Ларијџани, секретар на иранскиот Висок совет за човекови права, пренесе агенцијата Tasnim.

Британската премиерка Тераза Меј порача во вторникот дела ќе продолжи да соработува со британските сојузници за да се отстранат секакви можни недостатоци во договорот со Иран, и нагласи дека британската влада смета дека договорот треба да биде зачуван.

„И натаму веруваме дека треба да се сочува иранскиот нуклеарен договор, како најдобар начин за неутрализација на заканите од Иран со нуклеарно оружје. Истовремено сфаќаме дека постојат работи кои договорот не ги опфаќа, а коишто треба да ги решиме, вклучително и балистичките проектили, што ќе се случи кога договорот ќе истече и дестабилизирачката активност на Иран во регионот. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со САД и со нашите европски партнери кога станува збор за тоа како да се решат низата предизвици кои Иран ги поставува, вклучително и прашањата коишто би можел да ги опфати новиот договор“, изјави портпаролот на британската премиерка, пренесе агенцијата Reuters.

Во вторникот се огласи и Кремљ, порачувајќи дека истапувањето на САД од договорот со Иран би имал штетни последици.

„Секои потези коишто ќе бидат направени во правец на раскинување на тие договори би имале неизбежно штетни последици“, ја цитира агенцијата ТАСС пораката на портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.