Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во понеделникот дека Канада, Италија и Германија ќе преземат дел од африканските имигранти од Израел во согласност со договорот кој неговата земја го постигнала со Високиот комесаријат за беглаци при Обединетите нации, но официјален Рим веднаш реагираше негирајќи дека е опфатен со овој договор.
Според договорот со УНХЦР, Израел соопшти дека планира да премести повеќе од 16.000 африкански имигранти во западните земји.
„Ова е единствен договор меѓу комесарот на ОН и Државата Израел, според кој 16.250 луѓе ќе бидат преместени во развиените земји, како Канада, или Германија и Италија. На тоа се обврза високиот комесар на ОН, тоа да се организира и дури и да се финансира“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за јавниот сервис.
Израел претходно во понеделникот соопшти дека се откажал од депортирањето на африканските илегални имигранти назад во земјите од Африка, како и дека постигнал договор со УНХЦР за испраќање на повеќе од 16.000 имигранти во западните земји. Другите имигранти, од кои многу бараат азил, можат да останат во Израел барем во следните пет години, се наведува во соопштението на Нетанјаху.
Судбината на околу 37.000 Африканци во Израел кои се изјаснуваат со хебрејска вероисповед, претставува морална дилема за земјата. Десничарската влада е под притисок на својата националистичка гласачка база која од неа бара да ги протера имигрантите, додека другите партии повикаат на имигрантите да им се даде засолниште. Во февруари годинава Израел почна со врачување известувања за 20.000 машки африкански имигранти во кои се дава рок од два месеца да ја напуштат земјата или во спротивно ќе завршат во затвор.
Според израелското министерство за внатрешни работи, 42.000 африкански имигранти, во прв ред од Судан и Еритреја, од кои половината се жени и деца, не се опфатени со овој план. Овие имигранти главно дошле во Израел по 2007 година влегувајќи во земјата кон египетски Синај. Границата којашто тогаш беше порозна, потоа стана речиси херметички затворена. Имигрантите во голем број живеат во сиромашните квартови на Тел Авив.
Израелската влада им понуди на имигрантите, од коишто повеќето се од Судан и од Еритреја, по 3.500 американски долари и авионски билет до, како што наведе, сигурна дестинација во друга земја во Субсахарска Африка, за којашто израелските медиуми наведуваат дека е Руанда.
Меѓутоа, групите за човекови права тврдат дека многу од имигрантите побегнале пред злоставувања и војни, како и дека протерувањето, па дури и во други земји во Африка, дополнително би ги загрозило. Групите го оспорија планот за депортирање на израелскиот Висок суд, кој на 15-ти март издаде привремена одлука со којашто се замрзнува спроведувањето на овој план.
„Израел и УНХЦР постигнаа разбирање без преседан за заминувањето на најмалку 16.250 имигранти… во западните земји“, се наведува во владиното соопштение во коешто не се прецизира за кои земји станува збор. Портпаролката на УНХЦР за светските агенции потврдила дека е постигна договор, но не сакала да влегува во поединости.
Италија набрзо по изјавата на Нетанјаху соопшти дека таа не е опфатена со договорот меѓу Израел и Обединетите нации за преместување на африканските имигранти во западните земји. Канада сѐ уште не се огласи, а германското министерство за внатрешни работи соопшти дека „нема никакви сознанија за барањето (Германија) да преземе бегалци кои живеат во Израел, особено не од африканските земји“.