„Нетфликс“ ќе отвора филијали од продавница, забавен парк и ресторан

„Нетфликс“, платформата за гледање видеосодржини, неодамна ги испрати последните физички копии од филмови на ДВД до претплатниците во САД, но веќе планира ново враќање во физичката реалност за посилно да се поврзе со своите гледачи.

Нивниот план вклучува отворање филијали наречени „Нетфликс хаус“ во САД и во остатокот од светот. На овие локации љубителите на нивните филмови и серии ќе може да доживеат нови искуства. Ваквите филијали би биле комбинација од продавница, забавен парк и ресторан.

Посетителите би можеле да најдат брендирани производи поврзани со филмови и серии на платформата, би имале можност да поминат низ разни забавни содржини (на пример, полигони со пречки инспирирани од оние од играта во серијата „Игра со лигни“), а ќе има и понуда на тематски храна и пијалаци.

„Нетфликс“ не открива многу за овој план, но се зборува дека првите две филијали би можеле да се отворат во САД во текот на 2025 година. Локациите засега не се познати.

– Видовме дека обожавателите сакаат да се нурнат во светот на нашите филмови и ТВ-серии и многу размислувавме како да го подигнеме тоа на следното ниво – вели Џош Сајмон, потпретседател на компанијата задолжен за производи за широка потрошувачка.