Рускиот гасен гигант „Газпром“ објави дека неговата нето добивка во првото полугодие годинава се зголемила повеќе од тројно во однос на истиот период минатата 202 година на 10,9 милијарди долари (над 1.000 милијарди рубљи), благодарение на растот на извозот на гас и контролата на трошоците, пренесува Reuters.
Заменик-извршниот директор Фамил Садигов, исто така, на каналот нa „Газпром“ на платформата Telegram објави дека основната заработка во периодот од јануари до крајот на јуни годинава се зголемила за 19 отсто на годишно ниво на 1,46 трилиони рубљи поради подобрената трговија со нафта и зголемениот извоз на гас, вклучително и во Кина.
Додава дека зголемувањето на уделот на „Газпром“ во проектот за нафта и гас „Sakhalin Energy“ во рускиот Пацифик, исто така, ги поттикнал финансиските резултати, додека приспособената нето добивка, основата за исплата на дивиденди, достигнала 779 милијарди рубљи за шест месеци.
„Газпром“, најголемиот светски производител и извозник на енергија, забележа нето загуба од околу 7 милијарди долари во 2023 година, што е негова прва година во минус од 1999 година, бидејќи трговијата со гас со некогашниот главен продажен пазар Европа, се намали поради воениот конфликт во Украина, западните санкции и откажувањето на западноевропските земји од руските енергенси. Во меѓувреме, Русија продолжи да ја диверзифицира својата трговија со гас, вклучително и течен природен гас, откако Западот воведе невидени санкции за руски компании и поединци поради конфликтот со Украина и ги зајакна своите врски со Азија, особено со Кина, Индија и другите потрошувачи во регионот.
Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, објави дека групацијата го зголемила извозот на природен гас во Кина за 37 отсто во првите осум месеци од оваа година.