Неуспешен тест на британскиот нуклеарен систем „Trident“

Британското тестирање минатиот месец на нуклеарниот ракетен систем „Trident“ не успеал бидејќи проектилот паднал во морето во близина на подморницата што го истрелал, објави во средата The Sun.

Како што пишува весникот, потиснувачите на проектилот, опремен со лажни боеви глави, не успеале да се запалат при тестирањето на 30-ти јануари кај брегот на американска Флорида и проектилот паднал во морето.

Министерството за одбрана во Лондон кусо изјави дека имало аномалија при тестирањето и дека поради пражања од националната безбедност не може да соопшти повеќе детали.

„Поради прашања за националната безбедност, не можеме да дадеме дополнителни информации за ова. Сепак, уверени сме дека аномалијата е специфичен настан и затоа нема никакви импликации за доверливоста на пошироките ракетни системи и залихи ‘Trident’“, се вели во соопштението.

Британското министерство за одбрана (MoD), исто така, додава дека нуклеарното одвраќање на Британија останува „безбедно, доверливо и ефективно“. Британските власти, исто така, соопштија дека ракетниот систем „Trident“ е „еден од најсигурните вооружени системи во светот“ и дека 190 тестови биле успешно извршени.

Последното успешно британско лансирање на ракетата „Trident“ се случи во 2012 година. Последното тестирање на системот „Trident“ пред годинешното тестирање во јануари беше извршено во 2016 година и, исто така, беше неуспешно кога проектилот отстапи од предвидената траекторија.