Палестинците собрани во нивното последно засолниште во енклавата Појасот Газа во средата зборуваа за зголемените стравувања дека Израел наскоро би можел да го започен планираниот напад врз јужниот град Рафах на самата граница со Египет, откако преговорите за прекин на огнот во Каиро не успеаја.
Преговорите во египетскиот главен град Каиро, на кои учествуваа САД, Израел, Египет и Катар, завршија без никаков напредок во вторникот, а датумот на следната средба не е објавен. Недостигот на договор им зададе нов удар на повеќе од половината од 2,4-милионското население на Појасот Газа, кои под притисокот на израелската копнена офанзива останаа без своите домови во јужните и централните области на тесната крајбрежна енклава и беа присилени да се засолнат во Рафах, откривајќи ја израелската цел да бидат трајно протерани во соседен Египет. Во моментов повеќе од милион ипол луѓе во градот кој пред војната броеше до 300.000 жители, сега живеат во шатори и импровизирани засолништа речиси без храна, вода за пиење и лекови, откако избегаа од израелското бомбардирање од другите делови на Газа.
Израелската војска соопшти дека сака да ги избрка исламистичките милитанти од нивните засолништа во Рафах и да ги ослободи заложниците кои наводно се држени таму откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, но не даде никакви поединости за предложениот план за „евакуација“ на цивили.
„Вестите се разочарувачки, се надевавме дека ќе се постигне договор во Каиро. Сега ги одбројуваме деновите пред Израел да испрати тенкови. Се надеваме дека нема, но кој може да ги спречи?“, вели за Reuters Џабер, бизнисмен од Газа кој се засолни во Рафах со своето семејство. „Ги изгубивме домовите, нашите работни места. Зарем тоа не е доволно?“, додава тој.
Тел Авив вели дека презема чекори за минимизирање на цивилните жртви и ги обвинува борците на Хамас дека се кријат меѓу цивилите, вклучително и во болниците и засолништата, што милитантната група го негира.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која во среда треба да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека офанзивата на израелската армија врз Рафах „целосно ќе ја загрози хуманитарната ситуација“.
„Бидејќи луѓето во Рафах не можат туку така да исчезнат во воздух. Ним им требаат безбедни места и безбедни коридори за да не бидат фатени во вкрстен оган уште повеќе. Ним им треба повеќе хуманитарна помош. И им треба прекин на огнот“, рече таа во изјавата објавена во Берлин..
Израелските сили гранатираа источни делови на Рафах во текот на ноќта кон средата, изјавиле за британската новинска агенција палестински очевидци. Израелските авиони и тенкови целеа неколку области на Хан Јунис во јужниот дел на Газа, каде што имаше тешки борби во некои делови од градот, велат жителите.
Жителите на Рафах во вторникот изјавија дека десетици раселени луѓе почнале да го напуштаат градот по израелските гранатирања и воздушни напади во изминатите неколку дена. Рафах се наоѓа на границата со Египет, но Каиро јасно стави до знаење дека нема овозможи реализација на израелскиот план и да дозволи егзодус на бегалци преку границата.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси се состана со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, и со премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал-Тани во вторникот за да преговараат за прекин на огнот во Газа што ќе ги заштити цивилите и ќе донесе повеќе хуманитарна помош во енклавата, објави египетската државна новинска агенција.
Во соопштението од кабинетот на ал-Сиси се наведува дека постои „желба да се продолжи консултацијата и координацијата“ во врска со главните прашања, навестувајќи дека нема напредок во преговорите. Во соопштението за печатот не се споменува Израел.
Израелската делегација го напуштила Каиро, јави репортер на Reuters. Канцеларијата на Нетанјаху не одговорила на барањето за коментар. Извор информиран за текот на разговорите ги опишал како „добри“ и рекол дека страните се согласиле да продолжат, но одбил да каже кога и каде. Палестински претставник рекол дека Египет и Катар ќе продолжат да разговараат одделно со конфликтните страни.