Обидот на првото атерирање на летало на некоја приватна компанија на Месечината мина неуспешно, откако јапонскиот старптап „Ispace“ извести дека загубил контакт со леталото „Hakuto-R Mission 1“ (M1), но јапонската влада ѝ порача на компанијата да „продолжи со обидите“.
„Ја загубивме комуникацијата, па мораме да претпоставиме дека не можевме да ги довршиме слетувањето на месечевата површина“, изјави основачот и извршен директор на „Ispace“, Такеши Хакамада.
Ова беше вториот неуспех во последните седум дена во развојот на приватната индустрија на вселенски технологии, откако ракетата „Starship“ на американската компанија „SpaceX“ на милијардерот Илин Маск, спектакуларно експлодираше неколку минути откако полета од лансирната рампа.
Досега ниту една приватна компанија не успеа да спушти летало на природниот сателит на Земјата. Тоа им испеа на поранешниот Советски сојуз, САД и Кина, додека обидите на Индија и на една приватна израелска компанија последните години беа неуспешни.
Со акцијата на „Ispace“, стартап за лунарен транспорт со седиште во Токио, не се тргуваше во средата. Компанијата ги излиста акциите на Токиската берза пред само две седмици и од тогаш ја удвои својата вредност.
Портпаролот на јапонската влада, Хироказу Матсуно, изјави дека иако споменатата мисија е недовршена, Јапонија сака „Ispace“ да продолжи со обидите, бидејќи нејзината работа е од големо значење за развојот на домашната индустрија на вселенските технологии.
Јапонија има големи амбиции по прашањето за градење на домашната индустрија на вселенските технологии, како што е на пример испраќањето јапонски астронаути на Месечината кон крајот на 202-те години, но засега бележи само неуспеси.
Еден од најголемите неуспеси се случи во март, кога Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA) ја загуби новата ракета „H3“ поради принудното мануелно уништување откако стаса во Вселената. А тој инцидент следеше пет месеци откако ракетата „Epsilon“ на JAXA не реагираше по лансирањето.