Воено неутралната Финска, којашто живее во добри односи со големиот сосед Русија поради досегашното одбивање да стане членка на НАТО но Москва не се противеше на нејзиното членство во Европската унија, објави во понеделникот дека донела „историска“ одлука за испраќање оружје на Украина по руската воена операција во оваа земја, а на низата земји кои го вооружуваат Киев се придружи и Италија.
„Финска ќе ѝ испрати воена помош на Украина. Тоа за Финска е историска одлука“, изјави премиерката Сана Марин на прес-конференција.
Станува збор за 2.500 јуришни пушки, 150.000 парчиња муниција, 1.500 ракетни фрлачи и 70.000 пакети храна, прецизираше финскиот министер за одбрана Антил Каиконен.
И Италија ќе ѝ испрати на Украина воена опрема, соопшти во понеделникот владата на премиерот Марио Драги, без да прецизира за кој вид оружје станува збор, како и неговата вредност.
„На седницата беше донесено решение на украинските власти да им се испратат воени средства, материјали и опрема, врз основа на одлуката за итни мерки во врска со заострувањето на украинската криза“, наведува во соопштение италијанската влада.
Така Италија го следеше потезите на САД, Велика Британија и ЕУ и низа европски земји кои испраќаат смртоносно оружје, меѓу кои преседан направи и Германија која првпат испраќа оружје во зона на воен конфликт, како и Франција. Во Москва таквите одлуки ги оценија како чекори кои го разгоруваат судирот и не придонесуваат за престанок на нејзината „специјална воена операција“ во соседната земја.
Италија во неделата уплатила 110 милиони евра помош за украинската влада „што е конкретен знак на солидарнос и поддршка“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.
Ди Мајо во образложението на одлуката рече дека „Украина е под опсада а да не направила ништо лошо и руската влада ја нападната непрестајно бомбардирајќи ја“.
„Мирот е целта на којашто сите секојдневно работиме и на руското оружје ќе одговориме со санкции. Европската унија и сите сојузници мора да се обединат и натаму да бидат единствени“, изјави Ди Мајо.