Дури 50% од децата во скопските градинки немаат примено вакцина ДиТеПер против голема кашлица. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат предупредуваат дека ситуацијата е алармантна, додека во внатрешноста, имунизацијата со оваа вакцина е над 95 проценти.
Директорката на Инспекторатот, Рената Младеновска, вели дека неодговорноста на родителите нема да се прости. Таа е децидна – нема да има исклучоци од правилото секое дете кое ги нема примено сите дози вакцина против голема кашлица, да не се прима во градинка.
„Издадовме решенија во сите градинки во Скопје за забрана за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер вакцината или пак за нецелосно вакцинирани деца со оваа вакцина. Согласно првичните информации од терен, речиси 50 проценти од децата кои посетуваат градинки во Скопје се невакцинирани или нецелосно вакцинирани што е поразителен факт. Oд првичните информации во другите градови имаме покриеност со имунизација со ди-те-пер од скоро 95%. Родителите се одговорни и го почитуваат редовниот календар за имунизација, очигледно проблемот е во Скопје” – рече директорката на ДЗСИ Рената Младеновска.
Младеновска ја дематираше информацијата дека по вакцинирањето децата треба да седат дома 21 ден.
Што се однесува до приватните градинки, од инспекторатот велат дека и тие ќе се контролираат еднакво како и државните.
Родителите во најголем дел ги одобруваат ваквите мерки и велат дека и самите во континуитет инсистираат на почитување на истите. Сепак за некои ваквите мерки се задоцнети, доколку имаме предвид дека Центарот за јавно здравје -Скопје по препорака на Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на голема кашлица уште пред месец дена, но се чекаше Министерството за здравство да му наложи писмено на ДСЗИ за вакви вонредни инспекциски надзори.