Еден Њујоркчанец вчеравечер е пуштен од затвор каде отслужил казна во времетраење од 17 години за убиство, бидејќи е утврдено дека е осуден врз основа на лажно сведочење.
Педесет и тригодишниот Роџер Логан кој цело време тврдел дека е невин е ослободен благодарејќи на ревизијата на неговиот случај.
Тој е уапсен, а подоцна и осуден за убиството на Шервин Гибонс, кој е убиен со огнено оружје на 24 – ти јули 1997 – та година.
Пресудата на Логан, кој е осуден на 25 години затвор, се засновала воглавно на лажното сведочење на една соседка која тврдела дека го видела на местото на злосторот. Неодамна било откриено дека жената тој ден не била таму каде што тврдела дека била, така што не можела да го види Логан.
„Во интерес на правдата побарав од судот да ја укине пресудата против Роџер Логан за убиство“, изјавил државниот обвинител Кенет Томпсон.
Комисијата за ревизија на пресудата досега има разгледано околу 90 случаи. Благодарејќи на нивната работа, седум пресуди се поништени, а 11 се потврдени.