По објавениот текст на Нетпрес, дека на пациентите болни од дијабетес минатата недела им бил поделен инсулин чиј рок изминува за петнаесетина дена, за што постојат сомнежи и дека е донација од невладината PHM-CEE, на чие чело е министерот Венко Филипче, од Министерстото за здравство ја демантираа оваа информација.
Оттаму велат дека невладината организација PHM-CEE не е во функција веќе повеќе од една година. Исто така и дека никогаш оваа невладина не донирала лекови и инсулин, туку, во случајов станува збор за директна донација од Ново Нордиск.
Во врска со наводите за пречекорување на рокот на траење на инсулинот сакаме да потенцираме дека сите пациенти кои се на инсулинска терапија подигнуваат инсулинска терапија која се троши за индивидуални цели и за период од 28-30 дена.
Тоа значи дека сите пациенти кои заклучно со денешен датум ќе го подигнат инсулинот истиот ќе го употребат до 15.09.2018 година.
Одговорно тврдиме дека нема инсулин во Република Македонија кој е со краток рок. Апелираме и повикуваме, доколку пациентите кои се на инсулинска терапија имаат таков доказ дека им е издаден инсулин со краток рок, веднаш да реагираат во Министерство за здравство.
Инсулинот кој е со рок на траење до 30.09.2018 година е потрошен во месец јули. Од 15.08.2018 година веќе се обезбедени и се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци. Секој лот (серија) на сите видови инсулин е регистриран со количина и рок на траење, посочуваат од Министерството за здравство.