![prektst1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/10/prektst1.jpg?resize=696%2C462&ssl=1)
Денес се оддржа церемонија по повод последниот ден од деветдневната работилница „Учење преку правење“ во рамките на проектот „Оживување на културното наследство во прекуграничниот регион меѓу Бугарија и Македонија“, пренесува „1.мк“. Во проектот учество зедоа дваесет млади невработени луѓе од Бугарија и Македонија на која преку практична работа и обука беа запознаени со вредностите и потенцијалот на културното наследство во регионите на Општините Штип и Благоевград и негова примена во бизнис секторот. Изминатиот период, младите правеа грнчарски производи, со оглед на тоа што основна цел е зачувување на културното наследство, а занаетите се во изумирање заради што постои потреба од нивно понатамошно егзистирање.
– Ракотворбите кои сте ги направиле јасно посочуваат дека постои интерес за вакви производи и тие му се потребни на секое општество. Во денешното време на индустријализација, занаетите исчезнуваат а добро знаеме дека во старо време, благодарение на тие занаети се оддржувале и селата и градовите. Селата практично биле независни. Во секоја куќа се ткаело, имале фурни за леб а денес не е веќе така. Мораме да ги зачуваме занаетите бидејќи тие зборуваат за нас – изјави градоначалниот Захариев.
Според Вера Алексијева од Благоевград, работилницата и дала соодветни знаења за тоа како да се изработат грнчарски производи, но најважното е стекнувањето на пријателства.
– Во Благоевград ќе учиме како се прави бизнис план, финансиска конструкција и слично, значи нашите знаења ќе се надополнуваат. Но овде има и една повисоко ниво на соработка а тоа меѓусебното дружење. Овде запознавме големи пријатели, бевме со нив постојано. Тоа е нешто што е дел од проектот иако не е во прв план, затоа што станува збор за погранични проекти. А тоа е суштината, преку вакви средби да ги продлабочуваме пријателствата.
Инаку проектот е со времетраење од 18 месеци и вкупна вредност од 98.627 Евра и е финансиран од ИПА програмата за меѓугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија CCI 2007CB16IPO007. Сите учесници денес добија сертификат од Опоштина Штип. Во понатамошна фаза на проектот предвидена е и хуманитарно-донаторска акција од изработките на учесниците, додава на крајот порталот „1.мк“.