Според податоците на Државниот завод за статистика, лани се отвориле 19 илјади 712 работни места. Дополнителен простор за оптимизам остава фактот што е регистрирано поместување во делот на невработеноста на младите, а тоа е показател дека мерките за вработување кои ја таргетираат оваа категорија даваат резултат.
Само преку два проекта кои се реализираат во изминативе две години, „Македонија вработува“ и „Вработување млади до 29 години“, се креирани повеќе од 22 илјади работни места.
Претставниците на бизнис – секторот велат дека има основа да продолжи ваквиот тренд и стапката на невработеност дополнително да се намали, бидејќи токму во претстојниот период се очекува да се црпат плодовите од политиката за привлекување странски инвестиции, но и од мерките кои се однесуваат на домашните компании, а кои им помогнаа да го зголемат производството.
Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Според универзитетската професорка Никица Мојсоска – Блажевски, податоците на Статистика се реални, а при пресметката се користела истата методологија од Европската унија.
Се гледаат позитивни ефекти во економијата. Владините политики, како проектот „Македонија вработува“ и Акцискиот план за вработување млади, веројатно даваат ефекти, вели Мојсоска – Блажевски.
На еден месец до истекот на проектот „Македонија вработува“, отворени се 14 илјади и 300 работни места.
Се креираат индиректни вработувања
Годинава ќе се наполнат и индустриските и слободните економски зони. Дел од странските компании веќе почнаа со работа, дел ги градат погоните и новите капацитети. Италијанската Кондево гради во Штип, Гентерм и Акомпласт во Прилеп, Леар во Гостивар, ОДВ во охридско – струшката зона, КСС веќе ја изгради новата фабрика, прва во зоната во Кичево.
Импресивна е бројката на работни места што ја создадовме. До крајот на 2015 имавме 153 вработени, до крајот на оваа година ќе имаме приближно 700, а до крајот на 2017 година ќе имаме илјада вработени, вели Рауф Гаспари од КСС.
Влезот на странските инвеститори и отворањето нови фабрики се очекува да ја зголеми и соработката со домашните компании, кои ќе можат да испорачаат услуги или да се вклучат во добавувачкиот синџир. Бројот на домашни фирми кои соработуваат со странците се зголемува од ден во ден, но треба да се направат дополнителни напори.
Треба да се зголеми квалитетот на услугите и на производите коишто ги пласираат домашните компании за потребите на странските компании. На тој начин, индиректно ќе влијаеме на зголемување на бројот на вработени, на зголемување на извозот и на зголемување на додадената вредност, смета потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.
Се сврте и нов лист во слободните економски зони, тие се отворени и за домашни, македонски компании.
Домашните бизнисмени кои имаат добри идеи и проекти, висока технологија и производство наменето за извоз се добредојдени во ТИРЗ, вели вицепремиерот Ставрески.
Мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и на „joint venture“ активности во зоните. Ова е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст, оценува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.
Економските показатели се позитивни, растот продолжува
Повеќе економски показатели укажуваат дека економијата е на вистинскиот пат. Индустриското производство во јануари забележа зголемување од 8 проценти, што значи дека продолжуваат позитивните движења од 2015 година. Според Народната банка, има основа и за повисок раст од очекуваниот.
Во реалниот сектор и понатаму се задржуваат поволните трендови. Високофрекфентните индикатори навестуваат продолжување на позитивните движења и во текот на првиот квартал од 2016 година. По растот на БДП од 3,5 проценти во третиот квартал, најновите расположливи показатели упатуваат на веројатно задржување на солидното темпо на раст и во четвртиот квартал при поволни движења во главните економски сектори. Досегашните движења упатуваат на можно повисок раст во 2015 од очекуваниот, стои во оценката на Централната банка.