Невреме и поплави во централна Европа предизвика циклонот „Борис“

Циклонот „Борис“ веќе прави штети во средна Европа, а стигна и до Хрватска, каде што падна снег. Во Европа беснеат поплави, а веќе има и жртви.

Пет лица загинаа во источна Романија, а десетици останаа заглавени во поплавените подрачја, соопштија денеска итните служби.

Во Италија предизвика поплави, а најтешко ќе бидат погодени Полска, Чешка, Словачка, Австрија и Хрватска.

Поплави ја погодија и централна Европа, па жителите од делови на Полска и Чешка беа евакуирани, а слично сценарио се очекува и во Унгарија, Словачка и Австрија во остатокот од викендот.

Во Чешка повеќе од 60.000 домаќинства останаа без струја. Цивилната заштита евакуираше околу 400 жители од неколку села, многу возови не сообраќаат, а сите стравуваат дека ситуацијата ќе се влоши бидејќи водениот бран се приближува до големите градови како Прага.

Според метеоролозите се очекува дополнително зголемување на водостојот на реките. Од петокот во речиси цела држава наврнаа од 50 до 110 литри дожд на метар квадратен.

Поради подемот на Влтава, подготовките за поплави се прават и во Прага, каде пловидбата е привремено прекината. Досега околу 400 жители се евакуирани од неколку села на чешко-полската граница.

Невремето погоди 19 градови во осум окрузи во Романија, при што силните ветрови соборија десетици дрвја кои оштетија автомобили и ги блокираа патиштата и сообраќајот. Романскиот премиер Марсел Чолаку го откажа своето денешно патување.

Во Србија веќе има предупредување за доаѓање на циклонот. Во центарот ќе биде погодена северна Србија, одновно Војводина.

„Налетите на ветрот тешко се проценуваат бидејќи се нешто послаби во текот на циклонот, отколку на почетокот“, јавуваат српските метеоролози.

Циклонот „Борис“ ќе ослабува кога ќе влезе во Србија, а се очекува потоа да продолжи кон исток, додека еден крак ќе ги погоди послабо и Црна Гора и Албанија.