Невреме со пороен дожд во Куманово, можни излевања на Пчиња и Крива Река

Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати Куманово и Кумановско. Улиците во централното подрајче беа поплавени, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја.

Забележан е зголемен водостој на реката Пчиња во Пелинце и на хидролошката станица на Крива Река во Крива Паланка, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Предупредуваме за можност од излевање во сливот на Крива Река заедно со нејзините помали притоки пред вливот во Пчиња. Излевањето може да зафати делови од атарите на населените места, како што се Конопница, Псача, Опила и подолу Клечовце и Стрезовци пред вливот во Пчиња, информира ЦУК.

Од ЦУК предупредуваат за можни локални излевања во горниот дел од сливот на река Пчиња.