Незадоволните српски земјоделци блокираа рафинерија за нафта

По тридневната блокада на рафинеријата за нафта во Нови Сад, незадоволните земјоделци во Војводина најавија радикализација на протестот, кој вклучува протести во центрите на градовите и блокади на важни патишта, објавија во средата војводинските медиуми.

Земјоделците од неколку војводински и српски здруженија протестираат од понеделникот, незадоволни што српската влада не го исполнила договорот постигнат во мај.

Нивните главни барања се стимулација од 300 евра по хектар, без акцизен „син дизел“ за 100 литри по хектар, премија за млеко од 15 евроценти за литар, субвенционирани кредити, како и регулирање на пазарот за земјоделски производи.

Во соопштението за медиумите земјоделците изјавија дека „не се доведени до работ на постоењето, туку веќе паѓаат од карпата“.

Министерството за земјоделство на Србија ги поканило земјоделците на разговори, но овие ја одбиле.

„Немаме што да преговараме за барањата од мај. Можеме да преговараме само за барањата за следната година“, изјавил за медиумите Марко Габриќ од Здружението на земјоделски производители на Суботица.

Земјоделците протестираа во мај, а блокадите на патиштата и важните институции во Војводина беа отстранети по неколкудневни преговори со српската влада.