Подемот на вештачката интелигенција принудува сѐ повеќе новинари да се соочат со етичките и уредувачките предизвици што ги носи оваа технологија.
Улогата на вештачката интелигенција да им помогне на редакциите или целосно да ги трансформира е едно од прашањата за кои се дискутира на Меѓународниот фестивал на новинарството во Перуџа, кој завршува во недела.
Што ќе се случи со работните места?
Алатките за вештачка интелигенција кои имитираат човечка интелигенција често се користат во редакциите ширум светот за транскрипција на аудио, производство на резимеа на текст и превод.
Германската групација „Axel Springer“ на почетокот од минатата година објави дека го намалува бројот на работни места во весниците Bild и Die Welt, објаснувајќи дека вештачката интелигенција сега ќе „замени“ некои новинари.
Генеративната вештачка интелигенција, која може да произведува текст и фотографии уште по само барање изразено на секојдневниот јазик, веќе година и половина поставува нови граници, но предизвикува и загриженост.
Еден од проблемите е што гласовите и лицата сега може да се клонираат за да се создаде подкаст или телевизиски вести. Минатата година, филипинскиот портал Rapller создаде бренд наменет за младата публика, претворајќи ги своите долги написи во стрипови, графики и видеа.
Медиумските професионалци тврдат дека нивната индустрија сега мора да се фокусира на создавање „додадена вредност“.
„Вие сте тие што ги правите вистинските работи, а алатките што ги градиме ќе ви помогнат“, рече директорот на Google News, Шаилеш Пракаш на фестивалот во Перуџа.
Сè се врти околу парите
Трошоците за генеративна вештачка интелигенција вртоглаво пораснаа откако „ChatGPT“ се појави на сцената кон крајот на 2022 година. Оваа алатка, дизајнирана од американскиот старт-ап „OpenAI“, сега е достапна и за помалите редакции.
Колумбискиот истражувачки портал Cuestion Publica ангажираше инженери да развијат алатка која може да најде релевантни бекграунд информации заво нивните архиви во случај на ударни вести.
Но, многу медиумски организации не создаваат сопствени јазични модели, кои се во с’ржта на интерфејсите со вештачка интелигенција, вели професорката на Универзитетот во Амстердам, Натали Хелбергер. Тие се неопходни за „безбедна и сигурна технологија“, нагласи таа.
Закана од дезинформации
Според проценката на Everypixel Journal од минатата година, вештачката интелигенција направила исто толку фотографии за една година колку и целата фотографска професија за 150 години. Ова покренува сериозни прашања за тоа како да се одделат вестите од бранот на содржина, вклучително и дипфејк фалисифкатите.
Медиумските и технолошките организации се здружија за да се борат против оваа закана, особено преку Коалицијата за потекло и автентичност, која има цел да постави заеднички стандарди.
„Основен дел од нашата работа е собирање вести, известување од земја“, рече Софи Хует, која неодамна беше назначена за глобален директор за уредувачки иновации и вештачка интелигенција на AFP. „Ќе продолжиме да се потпираме на човечки репортери уште некое време“, додаде таа, иако тоа може да биде со помош на вештачка интелигенција.
Од Дивиот Запад до регулација
Невладината организација за слобода на печатот и медиумите Репортери без граници (Reporters sans frontières – RSF) го прошири својот делокруг на работа за заштита на веродостојните вести и на крајот од минатата година ја претстави Париската повелба за вештачка интелигенција и новинарство.
„Една од работите што навистина ми се допаднаа во Париската повелба беше акцентот на транспарентноста. До кој степен издавачите ќе треба да обелоденат дека користат генеративна вештачка интелигенција?“, вели Ања Шифрин, која предава глобални медиуми, иновации и човекови права на Универзитетот Колумбија.
Оле Закрисон, директор за вештачка интелигенција и стратегија на Шведското радио, вели: „Постои сериозна дебата: дали треба да ја означите содржината со вештачка интелигенција или луѓето би требало да му веруваат на вашиот бренд?“
Регулативата е во повој, а технологијата постојано се развива.
Во март Европскиот парламент усвои рамковен закон чијашто цел да ги регулира моделите на вештачка интелигенција без да ги попречува иновациите, додека упатствата и повелбите се сè почести во редакциите.
Уредувачките упатства за вештачката интелигенција во индиската медиумска компанија „Quintillion Media“ се ажурираат на секои три месеца, вели директорот Риту Капур. Ниту една од нивните написи не смее да биде напишан од вештачка интелигенција и фотографиите што тие ги создаваат не смеат да го претставуваат стварниот живот.
Отпор или соработка?
Моделите на вештачка интелигенција се хранат со податоци, но нивната глад за овој витален ресурс ги загрижува некои даватели на услуги.
Во декември, весникот The New York Times го тужеше OpenAI и неговиот главен инвеститор „Microsoft“ за прекршување на авторските права.
Други медиумски организации потпишаа договори со OpenAI, како што се германскиот издавач „„Axel Springer“, американската новинска агенција Associated Press, францускиот дневен весник Le Monde и шпанската групација „Prisa Media“, која ги издава весниците El Pais и AS.
Имајќи предвид дека ресурсите во медиумската индустрија се дефицитарни, соработката со новата технологија е примамлива, вели професорката по новинарство на Универзитетот Колумбија, Емили Бел, која чувствува дека јакне надворешниот притисок „да се скокне и да не се пропушти возот“.