Независениот синдикат на пожарникарите апелира граѓаните да бидат внимателни да не предизвикаат пожари

Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија ги повикува граѓаните, во услови на рестриктивна слобода на движење, во услови на борба со пандемијата и ангажираност во таа борба на интервентните човечки ресусрси со кои располага државата, со особена одговорност да се однесуваат кон можноста за предизвикување на пожар.

-Ваквата претпазливост и овој јавен повик го упатуваме од следните причини – со покачување на температурите на воздухот се зголемува можноста за предизвикување и брзо ширење на пожарите, со ограничување на движењето на самите вас-граѓаните кои сте нашиот најголем соработник и помагач во борбата против пожарите, се намалува можноста од вашата асистенција во заедничката борба со огнените стихии, но особенo со можноста правовремено да ни дојавите за пожарите што заедно со нашата брза интервенција се клучниот фактор за нивното сузбивање, со ограничување на движењето, зголемен е бројот на лица кои престојуваат во своите домови, а со тоа и можноста за загрозување на животите на поголем број граѓани одеднаш што значи и помала можност за нас да го постигнеме ефектот што го посакуваме, се вели во соопштението од Независниот синдикат на пожарникарите.

Затоа, додаваат тие,  во име на вашата безбедност, безбедноста на вашите најблиски и на сите нас кои сме дела од системот на вашата колективна заштита, апелираме да се воздржите од палење на губриштата, контејнерите, отпадот, стрништата и со нагласена внимателност да рaкувате со сите средства и уреди кои се потенцијални причинители на пожарите.

-НСПМ со своето членство-пожарникарите, отсекогаш а особено во овие исклучително тешка состојба со која се соочуваме, се со вас во својот полн состав со зголемен интензитет на приправност за интервенција, се вели во соопштението од синдикатот.