Независни писатели на книжевна вечер со хрватските колеги

„Од остров на копно, кон остров на море“ е насловот на книжевните средби што од 2. до 4 мај ќе се одржат во Далмација, Хрватска.

На покана на Асоцијацијата на хрватски писатели, делегација на Независни писатели од Македонија ќе одржи книжевна вечер со хрватските колеги на островот Зларин, во близина на Шибеник. Меѓу македонските писатели ќе бидат академикот Богомил Ѓузел, проф. Елизабета Шелева, Лилјана Дирјан, Роберт Алаѓозовски…. Од хрватската страна најавени се реномирани книжевници, како што се Младен Бјажиќ, Анте Томиќ, Ѕвонко Варошанец, Антонио Баришиќ, Емир Имамовиќ Пирке, Ренато Барешиќ и др.

Мотото на темата „Од остров на копно, кон остров на море“, која е инспирација од  антологиската песна на академик Богомил Ѓузел, е поврзано со личните поетики на авторите, но и со спецификите на двете земји, како и пошироките културни контексти на кои авторите им припаѓаат. Како што се посочува во песната на академик Богомил Ѓузел, станува збор за судбината на Македонија, како земја која нема излез на море, која е од сите страни опкружена со земји, парадоксално, како остров на копно. Кон таа затвореност на земјата придонесува и геополитичката позиција. Со сите свои четири, а сега и пет соседи, Македонија има постојано тензични релации, кои наместо отворање на патиштата, комуникациите, размените, постојано создаваат атмосфера на недоверба и затвореност. Дали таа геополитичка состојба се одразува на геопоетичката карактеристика на македонските писатели? Се одразува. Македонските писатели не само што ја истражуваат длабоко во себе метафизичката позиција на осаменоста на битието, на притеснетоста, на потребата постојано да се создава и трага по своите корени, по својата култура и идентитет, да се осознава и дефинира просторот на битисување, во себе и наспроти другите…

Покровител на настанот е градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ, а предвидено е да се обрати и хрватскиот министер за туризам, Дарко Лоренцин. Веднаш по заминувањето од островот Зларин, македонските писатели ќе го посетат Сплит каде македонската дијаспора и Македонското културно друштво „Македонија“, Сплит во нивна чест ке одржат свечена манифестација со уметничка програма. Писателите ќе имат средба и со нивните сплитски колеги.