Независниот полициски синдикат предложи нов Колективен договор

Незаисниот полициски синдикат на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му врачи на увид нацрт од новиот Колективен договор на вработените во МВР, изработен од нивна страна бидејќи постојниот истекол во април лани.

– Новиот колективен договор ќе ја отсликува реалната слика на синдикалните движења на сите нивоа во МВР. Прв чекор, согласно укажувањата на Уставниот суд, е укинување на одредбите од членот 4 од постојниот колективен договор со кој отворено се вршеа притисоци и загушување на синдикалното движење од страна на т.н. репрезенативен синдикат- изјави генералниот секретар на НСП, Орце Коцевски.

Според него, синдикалците бараат да се коригира и изработи нов начин на пресметка на листата на плати за да секој вработен знае колку од неговата плата е основна, колку е минат труд, колку е додаток за овластување, а потоа да се пристапи и почне со усогласување на платите.

– Поради посебните услови за работа и опасноста по живот, во новиот колективен договор се предвидува дополнителен додаток на плата за полициските службеници, униформираните полициски службеници, вработените во Одделот за внатрешна конотрола и професионални стандарди. Предлагаме воведување на т.н. пасивно дежурство за сите полициски службеници кои, и денес го извршуваат, а за тоа не се соодветно платени- рече Коцевски.

Според предложениот договор, предвидено е со секоја нова систематизација работникот да може да се симне најмногу до едно ниво, согласно работното место каде претходно работел, како и да се прецизира јасно и концизно што се прекувремени часови, да се врати правото на регрес за годишен одмор и друго.

Од МВР кусо информираа дека министерството го поздравува интересот на НПС, во соработка со раководството на МВР да работат заеднички во интерес на вработените.

– Министерот Спасовски во изминатиот период имаше неколку средби со претставниците на Независниот синдикат, a раководството на МВР и натаму е отворено за соработка со претставниците на независниот и на Македонскиот полициски синдикат, бидејќи тоа е во интерес на сите вработени во МВР- велат од министерството.

Од НПС пред неколку дена обвинија за безредие во МВР, дека полицајци со средно образование стануваат началници, а во министерството се вработуваат лица со усна наредба и без оглас.