На Волстрит индексот S&P 500 речиси непроменет
На Волстрит во понеделникот индексот S&P 500 остана главно непроменет, бидејќи инвеститорите останаа внимателни, имајќи предвид дека американската централна банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки и да ги задржи на покачени нивоа подолг период од очекуваното.
Индексот Dow Jones загуби 0,22 отсто, на 33.433 поени, додека S&P 500 порасна за 0,01 отсто, на 4.288 поени, а индексот Nasdaq 0,67 отсто, на 13.307 поени.
Најголемата светска берза веќе десет дена е претпазлива, откако челниците на американската централна банка изјавија дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат до крајот на годината и дека тие би можеле да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното.
Економскиот раст забавува, со слабеење на инфлаторните притисоци, но инфлацијата останува далеку од целното ниво на Fed 2 отсто.
Вчера, гувернерката на Fed, Мишел Бауман, рече дека е подготвена да поддржи уште едно зголемување на каматните стапки доколку претстојните податоци покажат дека инфлацијата се намалува премногу бавно.
„Септември заврши со многу неизвесност на пазарот. Така започна и овој месец и сите се прашуваат што ќе направи Fed. Покрај тоа, на пазарот ќе му треба потврда дека заработките на компаниите растат“, вели Квинси Крозби, стратег во „LPL Financial“.
Кон крајот на месецов започнува сезоната на објавување на кварталните деловни резултати. Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 пораснала за 1,6 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, додека во вториот квартал се намалени за 2,8 отсто.
И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индексот ослабе за 1,28 отсто, на 7.510 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,91 отсто, на 15.247 поени, а париски CAC 0,94 отсто, на 7.068 поени.