-Нашата земја и покрај лажните дојави за бомби е безбедна дестинација и сите институции прават се за тоа да биде така. Нашите конзуларни претставништва насекаде низ светот треба да информираат дека сме сигурна дестинација не само за новогодишните празници, туку и за целата 2023 година, истакна денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.
Како што кажа тој, во текот на денешниот или утрешниот ден АППТ ќе упати писмо до нашите дипломатско конзуларни претставништва во странство што ќе треба да го препратат до сите институции и туроператори во земјата во која не претставуваат за да ги убедат дека сме сигурна дестинација. Досега, посочи, нема информации дека има откажување на резервации поради лажните дојави за бомби.
-Заедно со Министерството за надворешни работи ќе се потрудиме да влијаеме смирувачки за туроператорите да ги остварат своите аранжмани и Македонија да остане како дестинација во нивните програми за 2023 година, рече Јаневски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Досега, додаде, немаме информации ниту обраќање од ни еден туроператор за откажување или за дилема за програмите за 2023 година.
-Нашата дестинација е позната по многу нешта. Ако нив ги форсираме и создадеме доволно атракции и еднодневни екскурзии и ако тие бидат во програмите на туристичките агенции и на туроператорите може да очекуваме дека туристите нема да го скратуваат престојот и ќе има екстензија и престој од ден или два повеќе. Всушност 2022 година покажа дека и домашните и странските туристи повеќе ни се задржувале во дестинацијата и тоа се ефектуира повеќе во вон пансионското трошење. Затоа девизниот прилив во туристичката индустрија ни е зголемен за 20 до 25 проценти, прецизира Јаневски.
Тој нагласи дека во годините што следат мора да докажеме дека имаме одржлива дестинација.
-Треба да работиме на зголемување и подобрување на човечките ресурси во туристичката индустрија и да изградиме висококвалификувани кадри. Преку нивно менаџирање ќе овозможиме внесување на европски и светски практики и во мнението и во сместувачките капацитети и во услугата, порача Јаневски.