Ни Меланија не верува дека Трамп ќе остане претседател, почна да се сели од Белата куќа

Меланија Трамп „само сака да си оди дома“, иако нејзиниот сопруг Доналд сепак тврди дека резултатите од изборите се лажирани и дека тој заслужува да остане во Белата куќа.

Првата дама полека го завршува својот живот во Вашингтон, па го попишува целиот мебел и уметнички предмети што семесјтвото Трамп ги донело во Белата куќа и прашува каква помош, човечка и финансиска, ќе добива после 20 јануари.

„Таа само сака да си оди дома“, изјави извор близок до првата дама за Си-Ен-Ен.

И додека е загрижена за тоа како ќе изгледа нејзиниот живот по враќањето во нормала, нејзиниот сопруг сè уште се бори да остане во Белата куќа.

„НАМЕСТЕНИ ИЗБОРИ“, напиша тој на Твитер во вторникот.

„Ако некој изневери, како што изневеруваа демократите, зошто изборите не беа веднаш поништени? Како може државата да се води на овој начин“, додаде тој.

Покрај барањето за поништување на изборните резултати, постојат индиции дека Трамп би можел да ја објави претседателската кандидатура за изборите во 2024 година на денот на инаугурацијата на Џо Бајден.

Меланија не беше премногу активна во претходните две кампањи. Таа е поактивна сега кога треба да ја напушти Белата куќа и ја ангажира Марсија Ли Кели да и помогне да се исели од Источното крило. Од нејзино име, Кели прашува дали на поранешните први дами им се даваат финансиски средства кога ќе ја напуштат Белата куќа, пренесува Си-Ен-Ен.

Можно е Меланија по враќањето на претходниот живот да ја продолжи иницијативата Be Best против злоупотреба на Интернет. Се шпекулира дека може да пишува мемоари, но и книга за внатрешен дизајн и како да се биде добра домаќинка. Во секој случај, за 42 дена ќе биде појасно во кој правец ќе се одвива нејзиниот живот.

Последните денови таа беше активна, покажувајќи како ќе изгледа Божиќното украсување на Белата куќа и отвори тениски павилјон, проект што го започнала во 2018 година и ќе остане како нејзино наследство во Белата куќа. За време на нејзиниот мандат, таа исто така ја украси градината со рози во Белата куќа. Во моментов работи на избор на порцелан што Трумп ќе го остави во Белата куќа како дел од традицијата , според која секое претседателско семејство остава порцелан за оној што доаѓа по нив.

Според упатените, таа со нетрпение го очекува животот во Флорида, каде треба да се врати со нејзиниот син Барон и сопругот Доналд, бидејќи тие ја смениле нивната адреса во Њујорк со онаа во Мар-а-Лаго.