Претседавачот на Советот во Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, вчера на градоначалникот Андреј Жерновски на седницата закажана за советнички прашања му постави незгодно прашање: зошто вработените го користат опшинското службено возило за лични потреби, објавува порталот „Плусинфо“.
– Со кој пропис се користат службените возила за приватни цели. Секретарот секој ден го гледам со општинското возило си оди дома после работа и наутро со истото се враќа? – праша претседавачот кој е дел од партиската коалиција на власта во оваа општина.
Жерновски на тоа одговори дека доколку е така, треба да се реагира.
– Ако има таква злоупотреба, тогаш треба да се реагира. Се согласувам. Не смее после 16 часот да се користат возила кои се тука за службена употреба – одговори тој.
Шиповиќ постави прашање и за катната гаража кај Судска палата која беше изградена за време на претходното раководство. Забележувајќи дека објектот се наоѓа во лоша состојба со низа оштетувања, претседавачот праша и зошто не е во функција.
Градоначалникот одговори дека дури сега можат да се увидат грешките во изградбата, а претставник од службите рече дека врнежите направиле голема штета во објектот изминативе месеци.
– Внатрешно и надворешно објектот е сè уште под гаранција. Причините се знаат, лоша изведба на кровот и на изолацијата. Но, затоа што сè уште е под гаранција, стапивме во контакт со изведувачот и наскоро ќе почне санацијата – рече службеникот.