Ни трага од исчезнатиот малезиски авион

Нема ниту трага од авионот на „Малезија ерлајнс“ со 239 патници и членови на екипажот што утрово исчезна од радарот. Спасувачки екипи трагаат по леталото, а се стравува дека се урнало во море.

Премиерот на Малезија, Наџиб Разак изјавил дека ссе уште нема ни трага од авионот во кој што имало 227 патници и 12 членови на екипажот.

Соопштено е дека во авионот се наоѓале и пет деца помлади од пет години. Разак рекол дека потрагата по авионот  меѓу Малезија и јужниот брег на Виетнам е интензивирана, јавува Ројтерс.

Британски „Гардијан“, повикувајќи се на информации од авиокомпанијата, пишува дека во текот на ноќта ќе продолжи потрагата по авионот на море, додека трагањето од воздух ќе биде одложено до утре. Весникот јавува дека во потрагата се вклучени 15 авиони и девет бродови.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на информации од директорот на цивилното воздухопловство на Виетнам јавува, дека во морето е забележана дамка од 12 милји „можно и две“ во областа каде исчезнал авионот.

Виетнамската морнарица претходно денеска објави дека авионот најверојатно се срушил во Јужното кинеско море, кај брегот на виетнамскиот остров То Чу, додека малезискиот министер за сообраќај тоа го демантираше.