И годинава ни премиерот, ни министерката за одбрана, ни претседателот нема да се поклонат и да положат цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, ниту, пак, пред споменикот посветен на загинатите македонски резервисти во Прилеп.
Јубилејната 20 година од подмолната заседа, во која животот го загубија осум војници и двајца офицери од Армијата на Република Македонија, ќе помине со положување на цвеќе од третостепени службеници, далеку под соодветното одбележување на трагедијата која го промени текот на поновата македонска историја.
Во име на Владата, вчеравечер свежо цвеќе на споменикот во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп положи надворешниот соработник за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, кој цвеќе положи и на спомен обележјето во село Лениште по што владиниот претставник го посети манастирот „Св. Петка“, каде се одржа вечерна богослужба.
Денеска свежо цвеќе по повод одбележувањето на 20-годишнината од трагичната смрт на десетмината резервисти од Прилеп ќе положат само две делегации од Собранието.
Пратениците Марија Георгиевска и Александар Велјановски ќе положат свежо цвеќе пред месноста Карпалак, а пратениците Бисера Костадиновска – Стојчевска и Петар Ристески, ќе положат свежо цвеќе пред комплексот „Карпалак“, во центарот на Прилеп.