Под блескавите светла на Тајмс Сквер во Њујорк, нигерискиот шахист Тунде Онакоја го собори рекордот за најдолг шаховски маратон, откако играше шаховски меч без прекин цели 58 часа.
Онакоја ја започна маратонската сесија на Тајмс Сквер во средата. Тој до утрото во саботата мина вкупно 58 часа на шаховската табла со што го собори претходниот светски рекорд за шаховски маратон, запишан во Гинисовата книга на рекорди, кој изнесуваше 56 часа, девет минути и 37 секунди. Во 2018 година го постави двоец Халивард Хауг Флатебо и Сјур Феркингстад.
Онакоја играше против Шон Мартинез, американскиот национален шампион во шах, според упатствата на Гинисовата книга на рекорди, во кои се вели дека секој обид за соборување на рекордот мора да биде направен од двајца играчи кои мора да играат континуирано.
„Не можам да ги опишам моменталните емоции. Не можам да ги најдам вистинските зборови за нив, но знам дека направивме нешто навистина исклучително. Во еден момент…, вечерва во три часот по полноќ, бев подготвен да се откажам. Но, моите сограѓани Нигеријци дојдоа од целиот свет… И цело време беа покрај мене. Пеевме заедно, и тие танцуваа, а поради нив не можев да се откажам“, им рече тој на новинарите.
Шахистот се надева дека ќе собере милион долари за добротворни цели. Сумата е наменета за поддршка на шаховското образование на милиони деца.
Меѓу стотиците фанови од нигериската заедница во Њујорк кои го бодреа шаховскиот мајстор беше и нигериската ѕвезда на афробитс, Давид.
Нигериската дијаспора организираше поддршка, со музика и традиционални нигериски јадења. Но, дури и дома во Нигерија, луѓето го следеа и го поддржуваа Онакој, по неговиот рекорден подвиг на услугата за видео стриминг Twitch.
Таму, Онакоја редовно организира шаховски натпревари за младите кои живеат на улица. Во оваа западноафриканска земја, повеќе од 10 милиони деца не одат на училиште, што е една од највисоките стапки во светот.
Меѓу оние кои јавно го поддржаа беше и поранешниот нигериски потпретседател Јеми Осинбајо, кој на X напиша: „Запомнете дека дури и оние од мали места се способни да постигнат големи работи“.
Многумина од нив оставија пораки со поддршка на стримот, пофалувајќи го Онакој и нарекувајќи го инспирација.
Дваесет идеветгодишниот Онакоја му дава голема заслуга на шахот што го спасил од страшната сиромаштија во која пораснал, живеејќи во злогласните пловечки сиромашни квартови во Лагос.
Неговата непрофитна организација, која работи под името „Шах во сиромашните квартови на Африка“, ги учи на играта на децата од сиромашните заедници и им помага во нивното образование.
Во исто време, Онакоја е член на управниот одбор на американската непрофитна организација „The Gift of Chess“, која се занимава со менување на животите преку играње шах и сака да подели еден милион шаховски комплети на посиромашните заедници во светот до 2030 година.