Никарагва уапси уште четворица свештеници, зајакнувајќи ја пресметката со Католичката црква

Полицијата во Никарагва уапси уште четворица свештеници во саботата, со што вкупниот број се искачи на 12 во изминатите три дена, известуваат локалните медиуми а потврдил за Reuters висок функционер на Католичката црква запознаен со ситуацијата.

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, кој владее со централноамериканската земја од 2007 година, започна пресметка со Католичката црква и политичките ривали.

Свештениците Микел Монтереј, Херардо Родригез и Раул Замора, заедно со монсињор Мигел Мантица од едно од најбогатите семејства во Никарагва, биле уапсени во нивните домови, рекол изворот ја агенцијата.

Меѓу уапсените се и двајца свештеници, Монтереј и Замора, кои ги отворија вратите на нивните парохии за студентите од двата универзитета коишто владините сили ги нападнаа во 2018 година.

Вкупно дванаесет свештеници и бискупот Исидоро Мора беа уапсени последните денови. Во август 2022 година, бискупот Роландо Алварез беше уапсен и осуден на 26 години затвор.

Од протестите во 2018 година, Ортега ги обвини свештениците за заговор за државен удар, а бискупите побараа од претседателот правда за оние кои ги загубија животите во протестите и одржување предвремени избори.