![Niki Hejli](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/Niki-Hejli.jpg?resize=640%2C428&ssl=1)
Поранешната гувернерка на сојузната држава Јужна Каролина и американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, во средата објави дека ја прекинува својата кампања за републиканска претседателска номинација, додавајќи дека Доналд Трамп кој ја именуваше на амбасадорската позиција во светската организација, кого таа не го поддржува, би „требало да го заслужи гласовите“ на конзервативците кои не гласале за него.
Хејли во средата ја прекина претседателската кампања откако беше убедливо поразена на национално ниво на таканаречениот „Супер вторник“. За време на прелиминарните избори, Трамп победи во 14 од 15 држави, практично елиминирајќи ја Хејли, која победи само во Вермонт.
Таа најави прекин на кампањата од градот Чарлстон во нејзината родна држава Јужна Каролина.
„Дојде време да ја завршам кампањата и можам да кажам дека не се каам“, рече таа додавајќи дека најверојатно Трамп ќе биде републиканскиот кандидат, но таа не му ја даде својата поддршка.
„Сега останува на Доналд Трамп да ги заработи гласовите на оние во нашата партија, но и на сите оние надвор од неа, кои не го поддржаа и се надевам дека ќе го направи тоа“, рече Хејли.
Наведувајќи го своето искуство во надворешната политика во ОН, Хејли рече дека е важно да се продолжи глобалното лидерство на САД. За време на нејзината кампања Хејли нагласи дека САД „мора да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската агресија“, со што нејзината позиција беше во спротивност со онаа на Трамп, кој објави дека „ќе ја заврши војната за 24 часа“, а чии поддржувачи помошта за Киев ја условуваат со издвојувања за заштита од огромниот бран нелегални мигранти преку границата со Мексико.
„Ако продолжиме да се повлекуваме, ќе има повеќе војна, а не помалку“, тврди Хејли.
Хејли „издржа“ подолго од другите републикански противкандидати на Трамп, иако одамна бележеше минорни гласови и никогаш не претставуваше сериозна закана за поранешниот претседател, кој и покрај бројните кривични обвиненија сè уште е цврсто држен и добро оценет во партиската база, но и во вкупното гласачко тело.
Така, „судирот“ меѓу 77-годишниот Трамп и четири години повозрасниот и Бајден ќе се повтори и на претседателските избори во ноември. Тоа ќе биде првиот претседателски реванш во САД од 1956 година, кога Ајзенхауер по вторпат го победи Адлај Стивенсон.
Малкумина Американци сакаа таков исход, бидејќи анкетите покажуваат дека и Бајден и Трамп имаат низок рејтинг меѓу гласачите кои особено им забележуваат на годините и ослабувањето на когнитивните способности.