Ники Хејли порача дека ќе гласа за Трамп

Поранешната гувернерка на американската сојузна држава Јужна Каролина и амбасадорка на Соединетите држави во Обединетите нации, Ники Хејли, во средата објави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп може да смета на нејзиниот глас на претседателските избори во ноември.

Хејли на настан во Вашингтон во средата рече дека не секогаш политички се согласувала со Трамп, во чиј мандат беше именувана за постојан американски претставник во светската организација.

„Меѓутоа, (американскиот претседател Џо) Бајден беше катастрофа и јас ќе гласам за Трамп“, рече таа.

Поранешната американска амбасадорка во ОН беше последната којашто се откажа од трката за номинација на Републиканската партија во март и првично одбиваше да го поддржи Трамп и наиде на жестоки критики од твролинијашите меѓу републиакнците кои ја обвинија дека сораотува со големите донаторите на демократите.

Но Хејли рече дека Трамп не треба да претпоставува дека ја има поддршката и од нејзините гласачи, без оглед на нејзината лична одлука.

„Би било мудро Трамп да допре до милионите луѓе коишто гласаа за мене и продолжуваат да ме поддржуваат, а не да претпоставува дека тие едноставно ќе застанат со него“, предупреди Хејли во средата.

Претедателските избори во САД на 5-ти ноември ќе бидат реванш меѓу Трамп и Бајден од контроверзните избори во 2020 година, а и двајцата немаат вистинска конкуренција за номинациите во нивните партии.