Ники Хејли ветува дека ќе ја продолжи кампањата

Кандидатката за номинација на Републиканската партија на ноемвриските претседателски избори, Ники Хејли во вторникот вети дека ќе ја продолжи својата кампања, велејќи дека нема намера да се откаже пред саботните избори во сојузната држава Јужна Каролина.

„Не чувствувам потреба да го признаам поразот и не се плашиме од одмаздата на Трамп“, рече таа во говорот во Гринвил, во нејзината родна држава Јужна Каролина, каде се очекува да загуби од поранешниот претседател Доналд Трамп на прелиминарни избори викендов.

Трамп има убедливо водство во националните анкети, а неговите сојузници го засилија притисокот врз Хејли да се откаже од трката откако таа ги загуби првите четири избори со голема разлика.

Нејзиното инсистирање да продолжи да се кандидира за Белата куќа, кое некои републиканци го припишуваат на деловни врски со големи компании донатори на Демократската парија, ја разгневи кампањата на Трамп, која ја исмејуваше и се закани дека ќе ги исклучи донаторите кои продолжуваат да ѝ даваат пари.

Во текот на нејзиниот говор во вторникот, Хејли го критикуваше Трамп дека е престар, дека внесува раздор и дека е премногу самобендисан за да биде ефикасен лидер. Но, таа нагласи дека има „одреден број“ проблеми со поранешниот претседател кој ја именуваше за амбасадорка на САД вво Обединетите нации, додека има „безброј“ со демократскиот претседател Џо Бајден.

Прелиминарните избори на Републиканската партија во Јужна Каролина ќе се одржат на 24-ти февруари.