Поранешниот хрватски репрезентативец, Нико Ковач е изборот на раководството на „Баерн“ Минхен за нов тренер на баварскиот гигант, функција на која Ковач(46) ќе го наследи Јуп Хејнкес, пензионираниот стратег кој се врати на клупата по отказот на Карло Анчелоти.
Хрватот има одлични резултати на клупата на „Ајнтрахт“ Франкфурт, што беше препорака да биде сериозен кандидат за оваа одговорна функција. Прв „пик“ на баварскиот гигант беше Томас Тухел, но откако тој ги одби за да се пресели во „ПСЖ„ челниците на „Баерн“ го избраа Ковач за нов предводник.
Информацијата вечерва прва ја одби телевизијата „Спорт1“, по што ја пренесоа речиси сите германски медиуми, а официјализацијата се очекува во следните неколку дена.
Нико Ковач и како фудбалер има настапувано за „Баерн“ Минхен, играјќи 34 натпревари за оваа екипа во периодот од 2001 до 2003 година. Тој претходно беше селектор на младата и на сениорската селекција на Хрватска, со која учествуваше на СП во Бразил пред четири години.
Ковач би бил третиот хрватски тренер во историјата што го водел овој великан. Прв по пауза од 48 години, откако легендарниот Бранко Зебец по две сезони го напушти Минхен во 1970 година. Пред него, пет сезони тренер на Баварците беше Златко Чајковски-Чик, кој од 1963 до 1968 година беше кормилар на „Баерн“, а потоа го наследи Зебец.