Во уништениот болнички комплекс „Ал-Шифа“ во градот Газа, „мртвите се насекаде“ и „никој не беше поштеден“, изјави шефот на тимот за итни случаи во северниот дел на градот непосредно по повлекувањето на израелската армија во понеделникот.
Десетици луѓе го обиколуваат болничкиот комплекс, разгледувајќи ги димензиите на штетата, целосно или делумно уништените згради. Некои копаат низ урнатините и собираат што ќе најдат. Една зграда сѐ уште гори. Двајца млади туркаат велосипеди, магаре влече количка со четворица, тројца мажи носат ранет на носилки, ја опишува ситуацијата AFP.
Болницата „Ал-Шифа“, најголемата во палестинската енклава Појасот Газа, е во урнатини, „целосно уништена“, изјави за AFP, Фарес Афана, шеф на тимот за итни случаи во северниот дел на градот Газа. „Масакрите на цивили и деца мора да престанат. Никој не беше поштеден“, вели тој.
„Медицинските тимови сè уште ги собираат телата и ранетите околу и внатре во болничкиот комплекс“, додвата Афана. Зад него пожарникари гаснат пожар во зграда. „Она што се случува овде е катастрофа против човештвото и здравствениот систем во Појасот Газа“, вели тој.
Зградите во комплексот се „изгорени и уништени“, обвинува Афана, критикувајќи ја „одмаздата на окупаторските сили“. Го повика светот „да го запре колежот на палестинскиот народ“.
Еден човек покажува на телата расфрлани по патот. „Нема ниту еден кревет“, вели мажо одбивајќи да го каже своето име. „Ќе бидеме закопани овде и нема да заминеме од тука“.
Израелската армија во понеделникот објави дека ги завршила воените операции во комплексот „Ал-Шифа“ и дека се повлекла од таму. Претходно објави дека таму наводно пронашла големо количество оружје, се „судрила со терористите“ и избегнувала да ги повреди вработените и пациентите.
Припадник на итната служба изјави дека е „изненаден од неверојатниот молк на меѓународната заедница и арапскиот свет“. „Кога ќе се преселат? Кога ќе биде уништен целиот палестински народ?“, праша тој.