Никој не врши притисок врз вработените, велат од МЖ Транспорт, месечната плата на машиновозачите е поголема од 40.000 денари

Раководството на „МЖ-Транспорт“ ја демантира изјавата на претседателот на синдикалната организација Тони Димовски. Во соопштението испратено попладнево се наведува дека не е точно дека менаџментот на претпријатието врши притисок врз вработените.

– За извршување на работните задачи на машиновозачите на почетокот на месецот се прави месечен план за работа, според кој секој машиновозач точно знае кога треба да дојде на работа и да се јави кај надзорниот раководител. Од него добива патен лист во кој е наведено кој воз треба да го вози на соодветната релација. Сакаме да потенцираме дека суспендирани се само оние кои не сакале да го земат патниот лист според месечниот план за работа. Тоа претставува тешка повреда на работниот ред и дисциплина според Правилникот за работен ред и дисциплина. Во истиот стои дека за ваков прекршок следува отказ, се вели во соопштението.

Во однос на месечните примања на машиновозачите, од „Железници“ велат дека не е точна изјавата на Димовски дека месечната плата со вклучени надоместоци е максимум 40.000 денари.

– Никаде во неговата изјава не е споменат т.н. километар што просечно изнесува нешто помалку од 20.000,00 денари месечно, се вели во соопштението и се посочува дека за мај, јуни и јули просечните примања на машиновозачот во кои спаѓаат, плата, додатоци на плата и километар изнесуваат 67.640 денари.

Основната плата од 25.000 денари, како што се посочува во соопштението, ја зема машиновозачот, ако во соодветниот месец воопшто не вози, што значи дека и сега кога штрајкуваат и не работат, пак им следи плата по 25.000,00 денари.

Менаџерскиот тим на претпријатието посочува дека со ваквиот бојкот се врши економски удар врз претпријатието и приватните комитенти кои ги користат услугите.

– Ќе потенцираме дека нема да се толерираат никакви уцени, закани од Синдикатот и вработените и по секоја активност спротивна од Правилникот за работен ред и дисциплина ќе биде соодветно постапувано. И покрај тешките услови во кои функционира фирмата, поради лошата инфраструктура во регионот, каде сообраќаат товарните возови, менаџерскиот тим во соработка со Владата прави напори за редовно исплаќање на платите, кои во периодот од 2017 година до денес понекогаш задоцнувале најмногу неколку дена во наредниот месец и тоа само вториот дел од платата, се наведува во соопштението.