Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека „никој“ нема да ја сопре неговата земја во војната што започна во Појасот Газа како одмазда за нападот на движењето Хамас на 7 октомври.
„Никој нема да не спречи, ниту Хаг, ниту оската на злото, ниту некој друг“, изјави Нетанјаху на новинарите во Тел Авив, алудирајќи на обвинувањето на Јужна Африка пред Меѓународниот суд на правдата дека Израел извршил геноцид во Појасот Газа.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Херци Халеви денеска изјави дека Израел води „праведна“ војна во Појасот Газа против Хамас за да го брани „своето право да живее во безбедност“.
Халеви оцени дека „војната ќе продолжи уште долго“.
„Важно е да се запамети дека водиме војна поправедна од која било друга војна. Тоа е војна што ја започнал крвожеден непријател, кој масакрирал невини луѓе на нехуман начин. Не забораваме, нема да заборавиме и ќе продолжиме да потсетуваме, дури и оние кои се обидуваат да го демантираат тоа“, додаде Халеви.
Во израелските воени операции во Појасот Газа досегазагинаа 23.843 луѓе, а повеќе од 60.300 се повредени, се вели во најновиот извештај на палестинското Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас.