„Никоб лаб“ отпушти над 30 вработени, без отказен рок

Без отказен рок, без претходна најава од „Никоб лаб“ се отпуштени над 30 вработени, доктори, лаборанти, други медицински лица, возачи…. објави „Курир“.

Дел од вработените кои до завчера биле во редовен работен однос, а од вчера се оставени на улица, за „Курир“ изјавиле:

„Ова е скандалозно и нечовечки. Вчера добив распоред за работа и дежурство, а денес немам работа. Ме натераа да потпишам спогодба, без претходна најава или предупредување. Ми пратија распоред за работа за еден месец, а не ми овозможија да сработам ниту еден ден од распоредот кој го добив. Немам ниту една дамка во работата, па да можат да се правдаат дека ме избркале поради некоја грешка. Причината не ми беше кажана. Едноставно, на дрзок начин, бев принудена да потпишам спогодба и да си одам“ – вели една од вработените со која разговаравме вчера.

Порталот објави бланко спогодбата која раководните лица од НИКОБ ЛАБ им ја наметнале на своите вработени.

Како што може да се види, од лабораторијата не се ни обиделе да сокријат каков дрзок потег прават, па јасно потенцирале дека се раскинува договорот за вработување БЕЗ ОТКАЗЕН РОК.

Во спогодбата е вметнат и член 3 со кој избрканите работници се принудени да немаат никакви други побарувања по ниту еден основ, како што е можеби отштета за непочитување на првичните договори и законот кој налага отказен рок.

 

И дел од другите вработени пред да потпишат наговестиле дека имаат за користење денови од одмор. Добиле уште еден срамен одговор дека „поднесените барања за користење на годишен одмор биле ИЗГУБЕНИ ОД ОДГОВОРНОТО ЛИЦЕ“!

Според информациите на „Курир“ НИКОБ ЛАБ остави на улица околу 20 вработени од Скопје и над 10 од други градови.