„Никоб“ лапна 2 милиона евра државни пари, а наместо плати им дели откази на вработените

Дали агенцијата „Никоб“ која ги доби милионските тендери и која сега ги отпушта вработените, е во состојба да ја пружи услугата за добиените тендери и дали некој од Владата проверил дали им се обезбедуваат објектите?

Дали фирмата за обезбедување „Никоб“, која го доби тендерот од Владата за вработување на лица за обезбедување на повеќе државни инситуции, ги „лапна“ парите од буџетот, а сега наместо да им даде плата, ги отпушта вработените? Има ли доказ од фирмата дека располага со доволен број вработени за ја пружи услугата за обезбедување на владини објекти? Проверил ли некој од владата дали имаат обезбедување од „Никоб“ на објектите за кои дале милиони евра државни пари?

Прашањата доаѓаат откако медиуми деновиве објавија дека повеќе од стотина вработени во „Никоб“ кои работат на обезбедување на општински згради во Македонија, во канцеларии и на подрачни единици на министерства и други органи на државната управа, не ги добиле платите за за февруари и за март годинава. Но, наместо тоа, им биле врачени формулари на кои требале да си го потпишат отказот од работното место.

Како што објави СДК.мк, станува збор за општинските згради во Пробиштип, Кочани, Штип, Свети Николе и други, за чие обзбедување владината Служба за општи и заеднички работи, врз основа на објавен тендер од 2 милиона евра за 3 години, му го довери на „Никоб“.

„Формуларите не ги потпишуваме затоа што планираме нашите права по основ на работен однос и другите што по закон ни следуваат, да ги бараме преку суд. Две години добивме регрес за годишен одмор само по 100 денари. Немаме никакви надоместоци за работа во недели и празници. Ќе си ги бараме заостанатите плати“, изјавиле вработени во „Никоб“ за СДСК.мк

На горе поставените прашања на „Нетпрес“ до Владата, се до објавување на текстот, не добивме одговор.

Исто така, и на меилот за контакт на официјалната веб страна на фирмата „Никоб“ , https://nikob.com.mk/kontakt/#, се обидовме да ги поставивме истите прашања, но тоа не беше можно затоа што не можеа да се испратат поради „некоректна“ адреса. Дополнително, на нивната официјална страна нема никакви информации во врска со добиениот тендер од Владата за вработување на лица за обезбедување во државните институции низ државава.

Инаку, меѓу фирмите кои најмногу профитирале од најголеми тендери во 2021 година, како што во јануари објави „Пари“.мк, стои и „Никоб“ како носител на набавка од 8,9 милини евра за потребите на АД ЕВН Македонија.

Податоците за јавните набавки, пак, покажуваат дека од јануари 2018, до лани, или за 4 години, 40 милини евра завршиле во „Никоб“, преку 200 јавни набавки кои се однесувале на: библиотеки, училишта, универзитети, здравствени установи, Развојна банка, Државниот завод за ревизија, Дирекција за радијациона сигурност, ЕВН, СОЗР на Владата, Фондот за осигурување на депозити, Град Скопје – кои ги користеле нивните услуги, а од почетокот на ковид-пандемијата, имаат и сопствена биохемиска и молекуларно дијагностичка лабораторија.

Оттука се поставуваат прашањата дали агенцијата „Никоб“ која ги доби милионските тендери и која сега ги отпушта вработените, е во состојба да ја пружи услугата за добиените тендери и дали некој од Владата проверил дали им се обезбедуваат објектите?

Инаку, последниов пример со откази на „Никоб“, не е и единствен. Минатата година, без отказен рок, без претходна најава и од причини познати само за раководството, НИКОБ ЛАБ остави на улица над 30 од своите вработени. Доктори, лаборанти, други медицински лица, возачи… кои една година претходно се „бореа“ со корона-вирусот останаа „преку ноќ“ без работа и без месечни примања, откако, исто така, им беа поделени бланко формулари да потпишат, дека „доброволно“ си даваат отказ.