Никогаш повеќе не им се заканувајте на САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го предупреди иранскиот претседател Хасан Рохани дека ќе се соочи со ужасни последици поради заканите кон Вашингтон.

Рохани вчера рече дека Американците мора добро да разберат дека мирот со Иран е мајка на светскиот мир и дека војната со Иран е мајка на сите војни. Иранскиот претседател го предупреди Трамп да прекине да се игра со опашката на лавот и да му се заканува на Иран. Во спротивно, рече Рохани, САД ќе зажалат.

Никогаш повеќе немојте да им се заканувате на САД или ќе се соочите со последици какви што малку ги доживеале во историјата. Веќе не сме држава која ќе ги прифаќа вашите луди пораки за насилство и смрт. Бидете внимателни, напиша Трамп на Твитер.

Односите меѓу двеете држави особено се зоастрија откако пред неколку месеци САД се повлекоа од меѓународниот нуклеарен договор на големите сили со Иран и ги заостри санкциите кон Техеран.