Македонскиот поет и преведувач Никола Маџиров е избран за национален уметник за 2016 година. Ова денеска го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
– Согласно законскиот рок, утврден во Законот за национален уметник, до Министерството за култура оваа година пристигнаа три иницијативи. Од Младинскиот културен центар за Никола Маџиров, од Хуманитарното друштво Хендикепирано лице од Скопје за д-р Самуел Садикарио и Друштвото на писатели на Македонија за академик Радован Павловски, информира Канческа-Милевска.
Увид во иницијативите, како што рече, изврши Комисија составена од академиците Митко Маџунков и Вера Битракова Грозданова, проф. м-р Тања Вујисиќ-Тодоровска, актерот Петар Темелковски и проф. Беди Ибраими, академски сликар и скулптор.
– Иницијативата на МКЦ за Никола Маџиров е доставена во законскиот утврден рок и е во согласност со Законот за национален уметник. Иницијативата на Хуманитарното друштво Хендикепирано лице од Скопје за д-р Самуел Садикарио е доставена во законскиот рок, но не е во согласност со член 4, став 3 од Законот за национален уметник на Република Македонија, во кој е утврдено дека иницијатива можат да поднесат јавни установи од областа на културата, високообразовни научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека документацијата за третата иницијатива од ДПМ била доставена надвор од законскиот рок и без прилог на документација.
– Никола Маџиров е еден од најистакнатите македонски поети и преведувачи од помладата генерација, кој со своето постојано и активно учество на врвни меѓународни книжевни фестивали во последните години дава значаен придонес во афирмацијата на новата македонска книжевност во светот, потенцира Канческа-Милевска.
Неговата поезија е објавена во над 50-тина држави во светот, во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка во Австралија и е преведена на 41 странски јазик. Маџиров е добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за поетската книга „Преместен камен“ (2007), Европската поетска награда „Хуберт Бурда“, „Левју литерер“… Тој има настапувано во најголемите и најреномирани фестивали и хали во светот.
Ова највисоко признание од областа на културата во Република Македонија, го востанови Владата во 2011 година. Титулата национален уметник досега ја добија нашите уметници Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов и Ана Дурловски.
Според Канческа-Милевска, титулата е валоризација на уметничкиот труд и ангажман на македонските уметници кои во изминатите години силно ја промовираа и афирмираа македонската уметност во меѓународен контекст.
– Преку оваа титула ние демонстрираме грижа за уметниците кои се наша најголема гордост, истакна Канческа-Милевска.