Никола Митревски – Кољо, еден од четворицата осомничени за настаните од 27 април по кои МВР распиша меѓународни потерници самиот се пријавил во истражниот затвор во Шутка, потврдија од затворската управа. Веднаш е стапен на сила 30 дневниот притвор кој му беше одреден по поднесување на кривичната пријава. Митревски, заедно со Александар Василевски – Нинџа, кој и натаму е во бегство, се осомничени како главни организатори на насилствата во Собранието.
Според обвинението, Василевски на 27 април лани околу 14.30 часот добил телефонски повик од Австрија од непознато лице од обезбедувањето на Никола Груевски, кој бил во Виена, за да наводно ги мобилизира насилниците да упаднат во Собранието. По разговорот Василевски му се јавил на Митревски, па заедно ги контактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо.
Тие собрале 68 лица на кои им биле поделени фантомки. Откако Митревски добил телефонски повик во 18.58 часот, групата во која биле десетици обвинети и непознати лица со маски фантомки се упатиле кон Собранието, ја урнале и прескокнале заштитната ограда на Собранието и се обиделе со туркање, кршење и буткање насилно да ја отворат влезната врата, но не успеале поради безбедносната заштита. Според обвинението, Митревски со нога го искршил стаклото од врата во Собранието и со тупаница го удрил еден од обезбедувачите, а потоа еден од началниците.