Никола по стапките на Лука – браќата Карабатиќ заедно во ПСЖ

Актуелниот европски првак Барселона потврди дека Никола Карабатиќ нема да биде член на овој тим во следната сезона.

Францускиот ас веќе извесно време е поврзуван со трансфер во ПСЖ, а каталонците денеска најавија дека тоа ќе се случи во најскоро време, откако Карабатиќ ја поднел неопходната документацијата за раскин на договорот со Барса, вклучувајќи ја тука и исплатата на сумата од два милиони евра како отштета за предвремен прекин на соработката.

“Никола Карабатиќ уште пред неколку седмици не извести за својата желба да си замине од редовите на нашиот клуб. Ние му посакавме многу среќа во иднина, бидејќи не сакаме да му стоиме на патот на ниту еден играч што не сака да биде дел од Барселона. Можеме да потврдиме дека тој денеска ја почна процедурата за раскин на договорот со нашиот клуб, поднесувајќи ја документацијата во просториите на АСОБАЛ-лигата” – се вели во соопштението на Барселона.

За очекување е најдобриот ракометар на денешницата до крајот на оваа седмица да потпише договор со ПСЖ, тим на кој претходно му се приклучи и неговиот брат Лука Карабатиќ.