Никола Тесла многу внимавал на тоа што јаде бидејќи сметал дека тоа е важно за што подолго да остане активен.
Во својата книга „My Inventions: The Autobiography of Nikola Tesla“ навел дека обично појадува млеко и јајца, ручекот го прескокнувал, а особено обожувал чорба од зеленчук.
„Најважниот елемент на мојата животна шема е мојата исхрана. Не можете да очекувате машина добро да функционира ако не ѝ обезбедите соодветно гориво“, говорел Тесла, но и истакнувал дека со текот на времето сфатил дека два оброци дневно се сосема доволни.
„Консумирањето два оброци на ден ми го подобрија здравјето и ми го изострија апетитот и вкусот. Не знаев што е живот додека не го исфрлив ручекот од исхраната. Денес на 78 години уживам во своите два оброци во иста мера како кога бев дете на 16 години и немам никакви проблеми со варењето“, се наведува на сајтот „Tesla Universe“.
Обожувал чорба од зеленчук
Како што велел и самиот Тесла, обожувал да пие млеко за појадок бидејќи изобилува со протеини, и јадел јајца особено белки бидејќи се исто така богати со протеини.
„Зеленчукот е неопходен, иако не содржи многу протеини. Не дава многу енергија, но го регулира варењето и му дава витамини на телото. Сакам да јадам фина чорба од кромид и сечкан целер, подготвена на путер. Оваа комбинација лесно се вари и ја јадам со години наназад“.
Тесла го фалел и овошјето, а за шеќерот зборувал дека не е опасен во мали количини со тоа што не смееме да заборавиме дека го има многу во овошјето.
Само двапати годишно јадел месо
На прашањето дали е вегетаријанец, Тесла зборувал вака:
„Месо јадам многу ретко, еднаш или двапати годишно. Богато е со протеини, но и рибата е речиси подеднакво богата со протеини и масти, а многу полесно се вари. Фосфорот кој го содржи е одличен за нервниот систем, но иако го храни мозокот, тој предизвикува киселост во организмот. И месото и рибата нѝ даваат брза енергија. Овие намирници за луѓето со одредени професии се неопходни, но поради својот состав нѝ го скратуваат животот. Сепак, додека сме живи, нѝ даваат многу енергија“.
А еве што велел за спиењето:
„Спиење? Речиси никогаш не спијам. Потекнувам од семејство на долговечни луѓе кои се познати по тоа што не спиеле многу. Се надевам дека ќе го достигнам рекордот на моите предци и ќе живеам барем 100 години. Недостатокот на сон не ме загрижува. Понекогаш спијам по еден час. Меѓутоа, повремено, на секои неколку месеци, спијам од 4 до 5 часа. Потоа се будам целосно наполнет со енергија, како батерија. По таква ноќ ништо не може да ме спречи. Тогаш чувствувам огромна сила. Не постои сомнеж дека спиењето е закрепнувачко, дека ја зголемува енергијата. Од друга страна, не верувам дека тоа е неопходно за нечие здравје, особено ако се работи за некој кој по навика малку спие“.