Николас Батум се прости од репрезентацијата

Познатиот француски кошаркар Николас Батум во вторникот објави дека се збогува од репрезентацијата со која освои две олимписки сребра, беше европски првак и има два бронзени медала од светските првенства.

„Од мојот прв сениорски натпревар против Австрија до последниот против САД, дојде време да го затворам ова славно поглавје и да ја предадам штафетата на нова генерација“, напиша 35-годишниот Батум на социјалната мрежа X.

Во сениорскиот тим дебитираше во 2009 година и одигра 177 натпревари. Учествувал во освојувањето на титулата европски првак во Словенија во 2013 година, а има и сребро од Евробаскетот во 2011 година и бронза во 2015 година. Ја заврши репрезентативната кариера со освојување на два сребрени олимписки медала, во Токио 2021 и Париз 2024 година, кога Французите дватапати беа поразени во финалето од американски кошаркари.

„Горд сум што придонесов да се испише дел од историјата на француската кошарка. Сега на ред се младите. Француската репрезентација е во добри раце и знам дека националниот дрес ќе продолжи да блеска”, зклучува Батум кој својата професионална кариера ќе ја продолжи во Лос Анџелес Клиперс кае се врати по една сезона мината во Филаделфија 76ерс.

Ова ќе биде негова 17-та сезона во НБА, каде покрај гореспоменатите клубови настапуваше и за Портланд Трејл Блејзерс (2008 – 2015) и Шарлот Хорнетс (2015 – 2020).