Николиќ: ЕУ е одговорна за кризата со бегалци

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ денес изјави дека одговорноста за решавање кризата со бегалци лежи главно врз основачите на Европската унија, кои топката на тешката ситуација и ја префрлаат на Србија, што не е ниту морално, ниту природно, а нема да биде ни оддржливо бидејќи ситуација се измолкнува од контрола.

-Доколку некој во Европа сериозно размислува за сигурноста и безбедноста, но и за опстанокот на континентот, време е конечно да кажат што ќе биде и тоа да го спроведат сите држави членки на ЕУ, рече Николиќ пред новинарите  во Белград.

Во спротивно, смета српскиот претседател, може да дојде до парадокс, бидејќи досега соседните држави фрлаа солзавец врз луѓето на наша територија, а ако почнат и да ги рануваат, тоа би можело да предизвика лоши односи со тие држави.

-Без разлика што тоа не се наши граѓани, тие се наоѓаат на наша територија, додаде Николиќ.

Тој истакна дека е “очигледно дека се појави себичност меѓу некои членки на ЕУ, која веројатно е поттикнувана“.

Српскиот народ не е себичен и ќе изддржи колку и да мора

-Се додека има за нас ќе има и за бегалци кои се присилени да поминат повеќе време во Србија отколку што планирале и отколку што е тоа нормално, рече Николиќ.

Тој оцени дека е апсурдно стандардите повеќе да ги почитува земја која не е членка на ЕУ, отколку членки кои се „отргнаа од контролата“, а не добиваат никаков совет, прекор, ниту инструкција од Брисел.