Николиќ: Нема да одам во Сараево бидејќи ги обвинуваат Србите

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ рекол дека не сака да оди на обележувањето на 100 години од почетокот на Првата светска војна во Сараево, бидејќи „не може да оди таму каде некој ќе го обвинува неговиот народ“.

Тој навел дека Претседателството на БиХ надлежноста за организацијата на одбележувањето ја пренело на Сараево, кое сака свеченоста да ја одржи во зградата на која пишува дека „на тоа место српските злосторници ги убивале граѓаните на Сараево“.

„Како да одам таму? Дали тоа е повик да не одам? Така не можеме да се смируваме. Ќе се смируваме ли или да одам таму каде што го обвинуваат мојот народ?“. рекол Николиќ.

Тој обаснил дека првобитната идеја била да оди на одбележувањето во Сараево и дека за тоа се договорал со раководството на Република Српска и српскиот член на Претседателството на БиХ, Небојша Радмановиќ.

Николиќ додал дека и Радмановиќ одлучил да не оди на одбележувањето во Сараево и дека за тоа ја известил и ЕУ.

Николиќ навел дека ќе учествува на одбележувањето на 4 – ти август во Белгија, на повик на кралот на таа земја, која во Првата Светска војна тешко настрадала и додал дека се обидува да стигне секаде каде се одбележуваат 100 години од почетокот на Првата Светска војна.