Николоски ја откри содржината на УСБ-та според кои, Груевски е автор на измените во Кривичниот закон!

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неговото гостување вечерва на 360 степени на МРТ1, за содржината на УСБ-та кои Никола Груевски ги испраќал во Македонија, рече дека две од нив биле адресирани до Талат Џафери и до Али Ахмети. Третото на некаков начин завршило во ВМРО-ДПМНЕ, а било упатено до „трет човек“.
– На УСБ-то може да се видат измените на Кривичниот законик од збор до збор, исти онакви какви што беа донесени. Во описот стои дека истите ќе значат подобрување на односите. Може да се види дека содржината е креирана многу пред да се донесат измените во Собранието, рече Николоски.
На прашањето на новинарот Попетревски, од каде јавноста може да биде сигурна дека автор на таа содржина е навистина Никола Груевски, Николоски одговори дека направена е дигитална форензика која јасно покажува кој е автор и од која ИП адреса е пратено и дека истото може лесно да биде проверено.
Измените во Кривичниот законик би требало да го ослободат Груевски од голем дел од обвиненијата. На УСБ се говори и за негова соработка со СДСМ и работа на уставните измени.