Николоски: Ја повикувам Бугарија да собере храброст и сили и на следниот самит во Луксембург да го тргне фамозното вето

Во моментов е најактуелна европската перспектива на Македонија, состојбите со европските интеграции, меѓународните односи како тука е неизбежен спорот со Република Бугарија, но и владеењето на правото и борбата со организиран криминал и корупција како два основни темели на кои што се темели напредокот на Македонија, посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во рамки на посетата на Битола, каде ВМРО-ДПМНЕ организира трибина.

-За жал Македонија не напредува во изминативе години, и за жал Македонија стои во место. Причините се најмалку две, една секако е ветото кое што Бугарија го става на европските интеграции на Македонија. Повикувам Бугарија да собере храброст и сили и на следниот самит кој што ќе се одржи за неколку недели во Луксембург да го тргне тоа фамозно вето за почеток на преговори на Македонија со ЕУ и Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што тоа пред се го заслужуваат граѓаните на Македонија. Втората причина секако е застојот во реформите, јасни се барањата на европските институции пред се во делот на владеењето на правото, понатака во борбата со организираниот криминал и корупцијата, и во реформите кои што или не се случуваат или назадуваат, сведоци сме сите на состојбата во државата и тука нема ниедно друго решение освен промена на Владата и брзи предвремени парламентарни избори. Секако тоа е надополнето и со економската криза која што се случува во Македонија и националната катастрофа ако сакате. Така што сите овие работи кога ќе се стават во контекст и кога сите овие работи ќе ги видиме, брзи предвремени избори се единствено решение, истакна тој.

Николоски ги повика сите граѓани на Битола, на пелагонискиот регион да се приклучат на 18-ти јуни, на големиот сенароден митинг на кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе побара предвремени избори.