Николоски: До крајот на 2026-та граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево- Охрид

Александар Николоски вицепремиер и министер за транспорт во интервју за неделникот Фокус истакна дека до крајот на 2026 година граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево-Охрид.

„Има бројни проблеми, но реков дека нема да ја заморувам јавноста со проблеми, зашто јавноста е уморна од изговори, но она што може да го кажам дека зборот ќе го држиме и до крај на 2026 година ќе имате функционален автопат Охрид-Кичево“ кажа Николоски а во однос на техничкото решение за проблемот со т.н. косини истакна:

„Во однос на косините, се соочуваме со неколку проблеми. Се работи за исклучитечно тежок планински терен. Ние сакаме да ја претставуваме Македонија како земјоделска држава, но 80 проценти се планини кога ќе ја видите мапата. И се работи за земјиште што не одговара на она што се класични геолошки стандарди за изградба на автопат“ кажа Николоски.

Николоски во однос на тоа зошто не се направени геолошки истражувања кога се проектирала трасата рече:

„Е тоа е вториот проблем. Направени се многу грешки во проектирањето, но направени се грешки и во изведбата. Јас сега ги барам решенијата и ќе го решиме проблемот. Тоа што го кажав на охридски сега ќе го кажам литературно – што ќе правиме ќе правиме, но до крај на 2026 година ќе имаме функционален автопат“ потенцира Николоски.