Во текот на вториот ден од собраниската седница за избор на влада, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на партијата Александар Николоски реплицираше на говорот на пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин и повторно ја повика да се произнесе зошто ја поддржува владата, дали се уценети или криминализирани.
„Вчера јасно прашав, имавте можност да одговорите во медиуми, не одговоривте до денес, па еве да сум фер да ве прашам повторно овде и пред пратениците и пред кандидатите за министри и мандатарот. Континуирано ја поддржувате оваа влада, затоа што се работи за иста влада, па дилемата е двојна, или сте уценети или сте криминализирани? Очекувам да имате одговор зошто се согласивте од два пратеници да имате еден и зошто континуирано заедно со ЛДП, со која сте во коалиција, поддржувате влада која што економски ја тоне Македонија, во која што корупцијата расте, според релевантни меѓународни институции, која што ја доведе најголемата енергетска криза во државата, затоа што навреме не се подготви и која што не наоѓа решение за ниеден од овие проблеми, а најголем дел од министрите остануваат исти?“, ја праша Николоски пратеничката од владеачкото мнозинство Маја Морачанин
Николоски истакна дека е фер јавноста да слушне која е причината поради која ја поддржуваат Владата, затоа што звучи наивно образложението дека тоа се прави заради ветувањето за формирање на министерство за клима и енергетика.
„Зошто поддржувате влада во која што имате минимална улога, во која што немате ниту еден свој претставник на министерска позиција и за неколку директорски места поддржувате ваква влада?“, праша Николоски.
Порача дека тоа што ДОМ ја поддржува оваа влада ги прави соучесник на пропаста која и се случува на Македонија дневна основа.
„Ве советувам и да си го одржите зборот и да излезете на избори сами и да видите што мисли народот после вакво однесување, ама да сте фер до крај, за да не ни се случи исто како кога преговаравме за отворени листи на локалните избори, кога ние поддржавме отворени листи за на крај вие и другите помали партии бидете против отворени листи, затоа што се пресметавте дека истите не ви одговараат“, заклучи Николоски.